Ковачевски на средба со Вархеји: Македонија треба што поскоро да стане дел од ЕУ

0

Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски денеска во Тирана, Албанија, во рамки на Самитот на Берлинскиот процес, оствари средба со комесарот за добрососедство и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.

Како што соопштија од кабинетот на Ковачевски, на средбата била потврдена поддршката на ЕУ за проширување со земјите од Западен Балкан и било истакнато дека Македонија треба што поскоро да стане дел од ЕУ.

„Соговорниците разменија мислења и информации за актуелната политичка состојба во Република Македонија, во врска со продолжувањето на европскиот пат на земјата и чекорите и одлуките што мора да се преземат за да се обезбеди континуитет на европската интеграција и на крајот полноправно членство на земјата во Европската Унија, а во согласност со Преговарачката рамка воспоставена со ЕУ“.

„На средбата се разговараше и за Планот за раст на Европската комисија, кој се смета за добра шанса за Македонија и граѓаните, кои со овој план ќе почувствуваат дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред да станеме членки. Како што беше истакнато, со овој план сме поблиску до целта, членство на Македонија во ЕУ до 2030 година“, се вели во соопштението за средбата меѓу Ковачевски и Вархеји.

Премиерот Ковачевски истакна дека не треба да се блокира процесот на европска интеграција, пред се, имајќи предвид дека тоа е спротивно на волјата на граѓаните, но и поради тоа што запирањето на процесот на евроинтеграции поради неисполнување на обврските од преговарачката рамка ќе ги попречат и сите процеси на економски и социјален развој неопходни за приближување на општеството на РСМ до европските стандарди на живеење.