Макрон: Ќе бараме од социјалните мрежи да го откријат идентитетот на корисниците кои повикуваат на нереди
– Франција ќе побара од компаниите за социјални медиуми да го откријат идентитетот на корисниците кои повикуваат на немири и нереди, порача денес францускиот претседател Емануел Макрон на вонредниот состанок по третата ноќ протести предизвикани откако полицијата смртно застрела 17-годишник.
Макрон на прес-конференција во Париз изјави дека групите закажуваат и организираат протести преку големите платформи на социјалните мрежи.
„Владата, исто така, ќе преземе акција за отстранување на „најчувствителните“ содржини поврзани со немирите“, рече тој, и ги повика родителите да се однесуваат одговорно и да ги спречат нивните деца да се приклучат на немирите.
„Во овој контекст ги повикуваме сите родители да реагираат одговорно“, рече тој. „Сегашниот контекст е резултат на организирани и опремени групи, но и на многу младина. Третина од приведените се млади, многу млади.“
„Должност на нивните родители е да ги чуваат дома“, нагласи францускиот претседател и додаде дека социјалните мрежи играат значајна улога во оваа ситуација, особено ТикТок и Снепчет.
„Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин ќе преземе дополнителни мерки во следните часови“, соопшти Макрон.
Франција е зафатена со протести откако 17-годишниот Нахел М. беше застрелан од полицијата при сообраќајна контрола во париското предградие Нантер во вторникот.