МОН: Платите на наставниците и директорите во основното и средното образование од овој месец се зголемени за седум отсто
Министерството за образование и наука реагираше на тврдењата на политичката партија „Левица“ дека платите на директорите се зголемени и до 45 отсто над основната наставничка плата во однос на седум отсто зголемување на платите на вработените во образованието.
Министерството за образование и наука, како одговор, истакна дека платите на наставниците и директорите во основното и средното образование заклучно со овој месец се зголемени за седум отсто, а ова е, како што велат, второ зголемување во мандатот на актуелната влада, откако претходно во октомври минатата година тие се зголемени за пет отсто.
Од Министерството за образование и наука потсетуваат дека веќе е направен план за долгорочно зголемување на личниот доход кој во период од четири години ќе се зголеми за најмалку 46 отсто, а најмногу за 60 отсто, во зависност од стапката на инфлација.
Левица преку соопштение оцени дека училиштата мака мачат со недостиг на кадар, додека наставниците се борат за половина од платата што ја заслужуваат.
Тие побараа итно изедначување на платите за сите вработени во образованието и транспарентност во оправдувањето на приоритетите во образовните политики.