Навални пред смртта требало да биде разменет!? Шокантна информација од Германија: Путин го побарал познатиот агент во замена за политичарот

Според германски Билд, Москва преговарала со Вашингтон и Берлин за размена на Алексеј Навални!

Германскиот таблоид дознава дека рускиот претседател Владимир Путин сакал да го добие разузнавачот Вадим Красиков, кој се наоѓа во германски затвор за ликвидација на поранешниот чеченски воен командант Зелимхан Кангошвили во Берлин, во замена за опозиционерот.

– Алексеј Навални требаше да биде ослободен – вели колумнистот на германскиот таблоид Филип Пјатов.

Билд претходно објави дека неодамнешното апсење на германски државјанин (38) на аеродромот Пулково во Санкт Петербург, исто така, може да биде поврзано со намерата на руските власти да го фатат Красиков. Во февруари, полицијата пронашла шест гумени мечки со канабис, пронајдени кај жител на Хамбург, кој летал во Санкт Петербург да ја посети својата девојка.

На Германецот сега му се заканува затворска казна до седум години.

Путин претходно ја навести можноста за размена на новинарот на Волстрит журнал, Еван Гершкович за Красиков во интервју за Такер Карлсон. Тој директно не го именуваше Красиков, сепак, описот одговара.

Да потсетиме, Алексеј Навални почина во затворската колонија на 16 февруари.

Одделот на Федералната казнена служба на Русија во автономниот округ Јамало-Ненец објави дека опозиционерот заспал по прошетката и брзо изгубил свест. Мерките за реанимација, наводно, не дале позитивни резултати, а лекарите од итната помош констатирале смрт.

Причината за смртта на Навални не е официјално објавена.

На адвокатот и мајката на Навални во затворот наводно им било кажано дека причината е синдромот на ненадејна смрт.

Телото на политичарот е во мртовечница на окружната клиничка болница Салехард. Обдукцијата сè уште не е направена, додека изворот на Новаја Газета наведува дека на телото има забележливи модринки. На локалните патолози им е забрането да вршат обдукција и се чека пристигнување на стручни лица од главниот град.