Пендаровски ја истакна потребата од создавање подобар амбиент за иновации

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на отворањето на научно-технолошката конференција „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економската криза“ ја истакна потребата од создавањето подобар амбиент за иновации.

Конференцијата е во организација на Кабинетот од претседателот на Северна Македонија во соработка со „Македонија 2025“.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека дигиталната трансформација нуди решение и обезбедува развој и во време на неизвесност.

Тој рече дека претприемништвото поврзано со дигиталните иновации е меѓу клучните двигатели на економскиот развој и повика на создавање подобар амбиент за иновации. Тој истакна дека тоа е витален национален интерес, при што ги повика сите политички чинители да изградат консензус.

„Крајно време е да дадеме одговор на прашањето дали ќе се развиваме или ќе продолжиме да живееме по инерција во која стагнираме. Никој во светот го нема луксузот да чека подобри времиња, ние најмалку. Исто така, никој однадвор нема да ги создаде тие подобри времиња, само ние сме одговорни за сопствената судбина и иднина“, рече Пендаровски.

Покрај претседателот Пендаровски, поздравни обраќања имаа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, и Мајк Зафировски, коосновач и член на Одборот на директори на „Македонија 2025“.

Говорејќи за важноста на вештачката интелигенција, вицепремиерот Битиќи истакна дека секоја економска активност веќе ја интегрира вештачката интелигенција во своите процеси.

Тој рече дека преку планот за економски раст се воведоа конкретни економски мерки кои се насочени кон поттикнување и поддршка на иновативниот развој на стопанството.

Битиќи рече дека Фондот за иновации и технолошки развој е централната институција за поддршка на иновативната дејност, додавајќи: „Преку финансиските инструменти на оваа институција кофинансирани се 1.080 проекти со заедничка вредност на инвестициите од околу 112 милиони евра, од кои над 50 отсто се стартап-компании.“

Битиќи рече дека од година во година се зголемува интересот, и со тоа и висината на владините средства наменети за истражување и развој, што според него укажува на зголемување на свеста и потребата за градење нови иновативни пристапи во производството.

Во рамки на Конференцијата ќе бидат одржани две панел-дискусии на кои ќе учествуваат експерти и универзитетски професори од земјата и од странство.