Претседателот Пендаровски со поддршка на иницијативата за креирање на сеопфатна национална програма „Поддршка на талентирани деца и млади“

0

Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со млади талентирани математичари и физичари и со претставници на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

На средбата се разговараше за текот на иницијативата „Поддршка на научно-технолошката извонредност кај ученици и млади“ чија цел е создавање на платформа преку која државните институции, приватниот сектор, меѓународните организации и општествено одговорните компании, заедно ќе придонесуваат во унапредување на можностите младите да го остварат својот потенцијал. Исто така, на средбата, беше истакнато дека ќе се креира фонд кој ќе ги стимулира и финансира талентираните деца и млади со фокус на науката, технологијата и иновациите, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Во таа насока, претставниците на ТИРЗ истакнаа дека веќе се обезбеди и првата поддршка за тимот средношколци составен од математичари и физичари за нивно учество на Светската олимпијада по математика и физика во Јапонија.

Претседателот Пендаровски ја изрази својата поддршка кон оваа иницијатива истакнувајќи дека истата е за поздравување бидејќи ќе овозможи модел на соработка меѓу сите релевантни чинители во државата коишто преку инвестирање и поддршка на талентираните деца и млади ќе им овозможат потребни услови и ресурси за развој на нивните способности.