Кремљ предупреди дека, во случај САД да ѝ снабдат на Украина ракети „Томахавк“ за напади длабоко на руска територија, ќе има нова рунда опасна ескалација меѓу Русија и Западот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија видела извештаи дека САД размислуваат за таков потег и дека доколку тоа се случи, ќе биде потребен руски одговор.
,,Доколку се случи, тоа ќе биде нова сериозна рунда тензии што ќе бара соодветен одговор од руската страна“, изјави Песков за дописникот на Кремљ, Павел Зарубин.
„Од друга страна, исто така е очигледно дека не постои магичен лек или семоќно оружје што би му помогнало на режимот во Киев. Ниту едно оружје не може радикално да го промени текот на настаните“, додаде Песков.
Томахавк првпат употребен за време на Пустинска бура
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, во неделата изјави дека Вашингтон го разгледува барањето на Украина за испорака на ракети „Томахавк“. Претседателот Володимир Зеленски го замоли американскиот претседател Доналд Трамп да ги испорача овие крстосувачки ракети со долг дострел за време на состанокот на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.
„Томахавк“ е субсонична крстосувачка ракета со долг дострел, дизајнирана за прецизни напади врз копнени цели. Нејзиниот оперативен дострел е помеѓу 1.600 и 2.500 километри. Првпат беше употребена во борба за време на операцијата „Пустинска бура“ во 1991 година и денес останува клучен дел од американскиот арсенал.
Секоја ракета чини околу 2 милиони долари и е произведена од „Рејтеон“. Дострелот на „Томахавк“ би ги ставил големи делови од Русија, вклучувајќи ги Москва и Санкт Петербург, во дострел на украински ракетни напади.