Сиљановска Давкова-Алиев: С. Македонија и Азербејџан сакаат да ги зајакнат енергетските врски

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, се сретна со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, известува Анадолу.

Алиев со официјална церемонија ја пречека претседателката Сиљановска-Давкова, која пристигна во официјална посета на Азербејџан.

На церемонијата беа интонирани националните химни на двете земји.

Подоцна, Алиев и Сиљановска-Давкова одржаа тет-а-тет средба и средба меѓу делегациите.

Говорејќи на заедничката прес-конференција по разговорите, Алиев рече дека треба да се развиваат трговските односи меѓу Азербејџан и Северна Македонија.

Алиев рече дека од крајот на 2024 година ѝ продаваат природен гас на Северна Македонија и дека и оваа година ќе продолжат да ѝ испорачуваат природен гас.

Посочувајќи дека активно работат на активирање нови наоѓалишта на гас, Алиев додаде дека во иднина може да го зголемат обемот на испорака на гас во Северна Македонија.

„Денес Азербејџан извезува природен гас во 12 земји, од кои 10 се европски земји. Минатата година извезовме 25 милијарди кубни метри природен гас. Сепак, проширувањето на опсегот и географијата на нашето снабдување со гас исто така е на нашата агенда. Европа има потреба од азербејџанскиот гас. Азербејџанскиот гас денес ја осигурува енергетската безбедност на голем број европски земји.“

Претседателката Сиљановска-Давкова рече дека Азербејџан се издвојува не само со својата важна позиција на меѓународната геополитичка сцена, туку во исто време и со природниот гас и обновливите извори на енергија кои им се потребни на малите земји како С. Македонија.

Наведувајќи дека очекува унапредување на односите со Азербејџан и потпишување на меморандум за разбирање или договор за соработка, Сиљановска-Давкова рече дека тоа нема да значи дека ќе добијат само помош од Азербејџан благодарение на снабдувањето со природен гас, туку ќе создаде можности и за економска соработка.

„По минатата средба овде, еве повторно има Форум на кој ќе се расправа за клучните светски проблеми, а овој момент е добар бидејќи годинава славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи – вистински момент за таква средба“, рече таа, изразувајќи очекување двете држави да потпишат Декларација што ќе води кон воспоставување или кон потпишување на Договор за соработка.

„Тоа нема да значи само азербејџанска помош за нас во поглед на гасот, туку ќе отвори простор и за економска соработка“, изјави таа и се заложи за укинување на визи за дипломатските и службените пасоши.

„Уште веднаш да се стави крај на онаа чудна состојба да постојат визи за дипломатски и службени пасоши. Таквата состојба верувам никому не му одговара, а укинувањето ќе доведе до зближување на нашите народи“, оцени таа.

Зборувајќи дека е шокантно да се видат новите претпоставки за светскиот поредок што се поставуваат во 21 век, претседателката Сиљановска-Давкова го рече следното:

„Овој огромен регион, во кој се наоѓа и Украина, е во центарот на глобалните настани, и различни страни се обидуваат да бидат влијателни во овој регион. Верувам дека Европа повторно ги отвори вратите, и благодарение на вашите успеси ќе можеме да ја продолжиме нашата соработка и во иднина.“