Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во вторникот дека Израел „се согласил со потребните услови“ за финализирање на прекинот на огнот во Газа, иако не беше веднаш јасно дали Хамас ќе ги прифати условите.
Двајца претставници на администрацијата рекоа дека Хамас сè уште мора да се согласи со договорот.
Во објава на Truth social, Трамп рече дека Катар и Египќаните ќе го спроведат тоа, пишува CNN, според Телеграф.
„Моите претставници денес имаа долг и продуктивен состанок со Израелците за Газа“, напиша Трамп.
Според него, „Израел се согласил со потребните услови за финализирање на 60-дневниот прекин на огнот, во кој период ќе работиме со сите страни за да ја завршиме Војната“.
„Катар и Египќаните, кои напорно работеа за да помогнат во воспоставувањето мир, ќе го презентираат овој последен предлог. Се надевам, за доброто на Блискиот Исток, дека Хамас ќе го прифати овој договор, бидејќи нема да има подобро – само полошо. Ви благодарам за вашето внимание на ова прашање!“
Си-Ен-Ен претходно објави дека катарските претставници во вторникот им презентирале и на Хамас и на Израел нов предлог за 60-дневен прекин на огнот, кој е поддржан од администрацијата на Трамп, според извор запознаен со ова прашање.
Предлогот беше финализиран по месеци задкулисни напори предводени од специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, рече изворот.
Тој се појави истиот ден кога израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, го посети Вашингтон на средби со високи претставници на администрацијата на Трамп.
Новиот предлог доаѓа само неколку дена откако Катар помогна во посредувањето за прекин на огнот меѓу Иран и Израел по нападите на САД и Израел врз нуклеарната програма на Иран, и месеци откако првичниот предлог за прекин на огнот за Газа, поддржан од администрацијата на Трамп, беше отфрлен од Хамас.
Извор за Си-Ен-Ен изјави дека новата верзија – на која работеше и Катар – се обидела да ги земе предвид загриженостите на Хамас во врска со претходниот предлог.