Француски министер ги повика европските држави на заеднички систем за азил

0

„Се поставува прашањето: Зошто некој кому му е одобрен азил во Шведска може да бара азил во Франција? Можеби можеме да осмислиме ‘европско право на азил’“.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин ги повика европските држави да воспостават „заеднички систем за азил“.

Дарманин беше гостин на францускиот канал „БФМТВ“ во врска со неодамнешниот напад со нож што се случи на 8 јуни во градот Анеси, Франција.

Францускиот министер рече дека е утврдено оти осомничениот не е „радикализирано“ лице.

„Меѓутоа, сега се поставува прашањето: Зошто некој кому му е одобрен азил во Шведска може да бара азил во Франција? Можеби можеме да осмислиме ‘европско право на азил’“, рече Дарманин.

Тој појасни дека тоа може да се направи со создавање заедничко досие во европските држави.

Дарманин истакна дека европските држави во моментов имаат различни правила за прифаќање на барањата за азил.

Во градот Анеси на 8 јуни маж со нож нападна луѓе во парк и рани шест лица, меѓу кои четири деца. Полицијата набрзо го приведе осомничениот.

Дарманин изјави дека осомничениот, чие барање за азил било прифатено во Шведска во 2013 година, имал дозвола за престој во таа земја. Додаде дека осомничениот побарал азил и во Швајцарија, Италија и Франција во октомври 2022 година.

Францускиот министер истакна дека неговата земја на 4 јуни објавила дека го одбила барањето за азил на осомничениот.