Австрија е на прво место во ЕУ по бројот на барања за азил по глава на жител

Вкупно 98.240 лица го поднеле своето прво барање за азил во Австрија на годишно ниво, за периодот септември 2022 – септември 2023 година, јави денеска австриската агенција АПА. Ова е за 10 отсто зголемување во однос на годината претходно, кога бројката беше 89.370, покажуваат податоците на Евростат.

Во септември Австрија беше земјата во ЕУ со најголем број барања за азил по глава на жител (87,6 апликанти на 100.000 жители), следена од Кипар (79,3 на 100.000 жители). Во однос на малолетниците без придружба, Австрија е на третото место во ЕУ.

Просечниот број на баратели на азил во ЕУ е 21,9 на 100.000 луѓе. Најниска вредност има во Унгарија (0,03). Статистиката покажува дека во август имало 72,4 апликанти на секои 100.000 жители во Австрија. Во истиот месец во цела Европската Унија биле примени 5.265 лица, што значи пад од 20 отсто во однос на септември 2022 година, кога имало 6.555 пријавени.

Како и претходните месеци, во септември 2023 година најмногу барања за азил се поднесени во Германија (27.885), Шпанија (13.395), Франција (13.100) и Италија (11.930), со вкупно 67 отсто од барањата поднесени во сите земји-членки на ЕУ.

Најголема група баратели на азил е онаа на луѓе кои доаѓаат од Сирија (19.220), потоа Турција (10.200), Авганистан (9.215), Венецуела (5.290) и Колумбија (5.230).