,,Ако Русија одлучи дека НАТО е слаб, ќе започне голема војна!” Данските разузнавачи предупредуваат дека Путин може да ја нападне Европа: Ова се трите можни сценарија
Ако Русија оцени дека НАТО е слаб, би можела да биде подготвена да води „целосна војна“ во Европа во рок од пет години.
Ова го соопшти данската одбранбена разузнавачка служба (ДДИС), а пренесува Политико.
– Русија најверојатно ќе биде поподготвена да употреби воена сила во регионална војна против една или повеќе европски земји на НАТО ако го оцени НАТО како воено ослабен или политички поделен. Ова е особено веројатно ако Русија оцени дека САД не можат или не сакаат да ги поддржат европските земји од НАТО во војна со Русија – се наведува во вчера објавениот извештај на ДДИС.
Во него се нагласува дека Русија ги зајакнува своите воени капацитети за да се подготви за можна војна против НАТО.
Ажурираната проценка на заканата од DDIS доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да стави крај на војната во Украина, која влегува во својата четврта година овој месец.
Данската агенција нуди три сценарија кои би можеле да се случат доколку конфликтот во Украина престане или замрзне, почнувајќи од претпоставката дека Русија нема капацитет да води војна со повеќе земји истовремено.
Според овие проекции, Русија би можела да води локална војна со соседна земја во рок од шест месеци, додека би можела да започне регионална војна во областа на Балтичкото Море во рок од две години.
За пет години, таа може да изврши целосен напад врз Европа, под услов САД да не се вмешаат.
Агенцијата забележува дека не го земала предвид можното зголемување на одбранбените капацитети на НАТО.
Трамп ги повика членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет отсто од БДП, што е повеќе од двојно од сегашната цел, и предложи дека САД би можеле да се повлечат од воената алијанса доколку нивните сојузници не ги исполнат своите финансиски обврски.
Американскиот претседател минатата година рече дека ќе ја „охрабри“ Русија да ја нападне секоја членка на НАТО што нема да ги исполни своите финансиски обврски.