– Албанија старее. Денес повеќе од половина од жителите се постари од 36 години, за разлика од 1990 година кога просечната возраст на населението беше 24 години. Тоа е ѕвоно кое најавува катастрофа, констатира весникот „Тема“.
– Миграцијата има разорни ефекти врз нашата земја. Зошто? Ако во 90-тите имавме 4 вработени за еден корисник на пензија, денес имаме 1,4 вработени на еден корисник на пензија. Со овој тренд во 2030-тите ќе имаме 1,2 вработени за еден корисник на пензија. Ова покажува дека пензискиот
систем е во колапс, вели професорот по економија Клодијан Мучо.
Според Дениса Канамети од здравствената програма во здружението „Заедно за живот“, заминувањето на професионалците, не само во здравствениот систем, туку во секој сектор, остава многу голема празнина.
– За земја како нашата, пандемијата донесе силен удар врз здравјето и економијата. Ефектот на изолација беше забележан во првите месеци од 2020 година и на крајот од неа, а за првпат немаше природен прираст. Бројот на умрени беше поголем од родените, додека недоволната помош од една
страна и високите трошоци за лекување од друга, станале силен мотив за заминување, вели таа.
Оваа здравствена криза беше исто толку тешка во економијата.
– Албанија помина низ многу тежок период за време на пандемијата што започна во 2020 година и таа нужно ќе има свои рефлексии. Еднаш кажав дека ова е медицинска пандемија, но мора да се пазиме од економска и човечка пандемија, бидејќи знаев дека ќе има голем удар. Прв на удар е локалниот бизнис, второ, граѓаните се погодени. Никој не им ја кажува вистината, а вистината е дека имиграцијата е многу силна, горчлива, тешка. Кој ќе се одлучи да го помине Ла Манш за 7 часа, се знае дека е во голема неволја, рече претприемачот Ѓерѓи Ѓика.
Тој додава дека на удар е албанското општество во целина, не само од старосна гледна точка,туку и во однос на ефективноста во економијата.
– Миграцијата го намалува бројот на работоспособни луѓе во земјава. Жените раѓаат сè помалку деца, а тоа го решаваат кога ќе наполнат 27 години или повеќе. Секоја година во училишните клупи седат 34.000 деца помалку, а бројот на оние кои секоја година одат во пензија е 15.000. Албанија се претвори во феномен на депопулација. Нема да имаме ниту раѓање, ниту младост. Веќе нема да имаме работна сила. И да имаме економски развој, кој ќе работи во Албанија, вели експертот за статистика, Инес Нурја.