Александар Вучиќ се надмина себеси: “Нема да ја предадам власта! Ако ме убијат ќе остане син ми Данило, а ако го убијат и него ќе остане ќерка ми Милица…“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходниот ден на средба со премиерката Ана Брнабиќ и најтесниот круг на соработници изјавил дека е „подготвен да умре, но дека нема да ја предаде власта без избори“, пренесоа повеќе српски провладини медиуми.

Никогаш нема да се согласам на уцени под никакви услови, никогаш нема да ја предадам власта на најлошите без избор. Никогаш нема да потпишам никаква техничка или преодна влада! Ако ме убијат ќе остане брат ми Андреј. Ако мојот брат биде убиен, мојот син Данило ќе остане. Ако ми го убијат синот, ќе остане ќерката Милица. Ако ја убијат и неа, мојот син Вукан ќе остане…“, наводно рекол Александар Вучиќ.

Александар Вучиќ се огласи и на социјалната мрежа Инстаграм каде објави фотографија со натпис: „И нашите сенки и нашите гробови ќе се борат со непријателите на Србија. Ви благодариме, луѓе, за поддршката!

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, исто така се огласи на социјалната мрежа Твитер и напиша дека е подготвена да поднесе оставка во секој момент, но дека Александар Вучиќ одбива.

Во однос на пишувањата на тајкунските медиуми, само да бидеме појасни – јас сум подготвен да поднесам оставка од премиерската функција во секој момент, а претседателот тоа го знае и засега одбива. Можеби ќе се предомисли. Сакате избори – нема проблем, ние сме секогаш за избори. Јас секако останувам лојална на Србија и на Александар Вучиќ“, стои во објавата.

Провладините српски медиуми, меѓу кои и Informer и Večernje Novosti, наведуваат дека Александар Вучиќ во четврток на седница на Владата на која е поканет, ќе објави „фатално важна одлука која ќе ја одреди иднината на земјата и нејзините граѓани“, а има се споменува и распишување избори или промена на Владата.

Во последните пет недели низ Србија се одржуваат протести „Србија против насилството“, како одговор на двете масовни злосторства во кои беа убиени 18 млади лица.

Најмасовните собири се во Белград, каде секој петок или сабота шетаат десетици илјади луѓе.

Барањата на демонстрантите се разрешување на министерот за внатрешни работи, првиот човек на БИА, Александар Вулин, разрешување на Советот на РЕМ, укинување на ријалити шоута – програми кои промовираат насилство, одземање на лиценците за национални фреквенции од TV Pink и Happy TV телевизиски станици, гаснење на таблоиди кои пропагираат насилство и смена на раководството на RTS.

Единственото барање од почетокот кое досега е исполнето е оставка на министерот за образование Бранко Ружиќ.

Александар Вучиќ во неколку наврати изјави дека реалити програмата на TV Pink е прекината, иако се уште се емитува.