Алкараз се сломи после неуспехот! Неутешниот Шпанец едвај зборуваше на конференцијата: Многу ме повреди (видео)

Најдобриот шпански тенисер Карлос Алкараз доживеа тежок пораз во полуфиналето на 250 АТП турнирот во Буенос Аирес.

Чилеанецот Николас Џари приреди вистинска сензација во главниот град на Аргентина, кој рутински во два сета го совлада големиот фаворит, поранешниот број еден – Карлос Алкараз.

Карлос со поразот од 21. тенисер во светот ја продлабочи резултатската криза. Од минатогодишниот Вимблдон, Шпанецот не го крена трофејот, потфрли на девет последователни турнири – седум месеци не освои ништо!

Тој веруваше дека одбраната на титулата на турнирот на кој беше апсолутен фаворит ќе му биде ветер во грб за продолжението на сезоната и потврда дека се враќа во формата која го красеше претходно. Меѓутоа, наместо тоа следуваше жестока шлаканица.

Колку неуспехот го повреди Шпанецот јасно се виде на прес-конференцијата по натпреварот. Карлос беше целосно скршен, едвај зборуваше.

,,Тоа е тежок пораз. Многу ме повреди. Има многу работи што треба да ги подобрам, нивото на мојата игра треба да се подигне. Играв добар тенис, но многу сум далеку од моето вистинско ниво”, изјави Карлос и додаде:

„Позитивна работа е што гледам дека има многу простор за напредок. Морам подобро да го прочитам натпреварот, да бидам најдобрата верзија од себе во тензичните моменти. Тоа ми недостасуваше денес“.

Свесен е дека очекувањата на тениската јавност се огромни кога тој е во прашање.

„Има големи очекувања на секој турнир на кој играм. Можеби луѓето мислат дека морам да победувам на секој натпревар, но Џари беше на одлично ниво“.

Шпанецот е разочаран бидејќи не можеше да поправи некои проблеми од минатото.

„Срамота е што можете да видите дека некои работи не сум ги подобрил во концентрација од 2023 година. Нема друг начин, сепак морам да работам. Нивото на играта зависи од мојот став и енергија. Годините се пред мене, уште многу може да се случи, а ќе видиме како ќе постапам“, изјави Алкараз.