Американски и кубански официјални лица разговараа за мерките за борба против тероризмот

– Претставници на американските и кубанските власти  во Хавана разговарале за антитерористички мерки, соопшти кубанското Министерство за внатрешни работи . Ова е  средба од серијата билатерални разговори во обид да се направи пробив по тоа прашање, јавија американски медиуми.

Тероризмот е контроверзна тема бидејќи Куба е на американската листа на земји што финансираат тероризам. Затоа, и Хавана и САД се согласија да ги продолжат разговорите по овонеделната дискусија, која беше главно „техничка“.

За време на состаноците, на кои присуствуваа претставници на американскиот Стејт департмент, Министерството за правда и граничната патрола и нивните кубански колеги, се разговараше за спречување киднапирање на авиони и поморски бродови и употребата на дигитални мрежи за насилни цели.

„Одржувањето на овие разговори ја покажува посветеноста на кубанската влада во борбата против (тероризмот)“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја вклучи Куба на листата на земји кои го финансираат тероризмот, што кубанската влада го отфрли како неприфатливо.

Во соопштението на Министерството за внатрешни работи, исто така, се вели дека за време на состаноците што започнаа во четвртокот, Куба го изразила своето противење за нејзино вклучување на таа листа и дека двете земји се согласиле да ги продолжат разговорите понатаму.

Засега американскиот Стејт департмент не го коментираше ова прашање.