Ангеловска-Бежоска на „Преспа форум за дијалог“: Потребни се важни структурни реформи за побрзо и поинклузивно зголемување на потенцијалот за раст на регионот

„Доходот на регионот на Западен Балкан во однос на европскиот просек е само околу 40%, што покажува дека не растеме доволно брзо за да ја намалиме разликата со земјите од ЕУ. За да растеме побрзо и на поинклузивен начин, мораме да го подигнеме потенцијалот за раст, за што се потребни важни структурни реформи со кои ќе се зголемат инвестициите и физичкиот капитал, човечкиот капитал и продуктивноста. Ова е потребно особено во време на отежнати глобални макроекономски услови и геоекономска фрагментација“, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, обраќајќи се на сесијата „Поплочување на патот кон просперитетот: Екофин-стратегии за раст на Западен Балкан“, којашто се одржа во рамките на „Преспа форум за дијалог“.

Ангеловска-Бежоска се осврна на ниската реална конвергенција на регионот на Западен Балкан во однос на ЕУ,  којашто  во голема мера се должи на структурни предизвици. Ова е видливо преку значителното намалување на потенцијалот за раст на регионот по глобалната финансиска криза, кога во просек е намален од околу 5% на 2,5%, коешто е посилно намалување во споредба со ЕУ и покажува дека конвергенцијата во иднина може да биде уште поголем предизвик за регионот.

Во доменот на човечкиот капитал, податоците укажуваат дека се бележи намалување на работоспособното население во земјите на Западен Балкан, што пред сѐ е одраз на два неповолни фактора, односно демографијата и емиграцијата. Во услови кога работоспособното население во последната деценија е намалено од 70% на околу 65%, кога секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, а повеќе од една третина од граѓаните размислуваат за иселување, неопходни се „збир на политики како што се политики за ублажување на емиграцијата, активни политики на пазарот на труд коишто ќе се справат со структурната невработеност, како и соодветни образовни политики за зголемување на квалитетот на човечкиот капитал и решавање на проблемот со неусогласеноста на вештините на работната сила со побарувачката“, додаде гувернерката.

Досегашното искуство од процесот на конвергенција на земјите од ЦЈЕ покажува дека процесот на пристапување кон ЕУ игра значајна улога за забрзано спроведување на структурните реформи и забрзување на економскиот раст. Оттаму, засилувањето на овој процес и поголемиот пристап до фондови на ЕУ може да има значаен придонес во процесот на конвергенција.