Државната комисија за спречување на корупцијата ќе отвори нов предмет за компанијата „Евровиа“ која доби тендер од 1,8 милиони евра од Министерството за надворешни работи.
„Комисијата на денешниот колегиум докажа дека во конкретниот случај има елементи за постапување на комисијата во материјална смисла, бидејќи се работи за големи суми, но и за политички врски“, рече претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.
Потсетуваме, „Евровиа“ доби тендер од 1,5 милиони евра без ДДВ за реконструкција на салата „Борис Трајковски“ за министерскиот состанок на ОБСЕ во ноември и декември годинава. Оваа компанија и порано има добиено пари од државата и општините и е истата фирма која донирала 1,8 милиони денари на политичката партија ДУИ, додека еден од сопствениците Елмедин Адеми донирал 2,5 милиони денари.
Според Законот за финансирање на политички партии, партиите не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментов се ангажирани од државни институции.