Апелациониот суд повторно го осуди Васил Јованов на три години и десет месеци затвор за поседување и трговија со наркотици
Апелациониот суд во Скопјe ја отфрли како неоснована жалбата на обвинетиот Васил Јованов и повторно го осуди на единствена затворска казна од три години и десет месеци за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ откако Врховниот суд во мај годинава ја поништи претходната второстепена одлука и го врати предметот на повторно судење.
Одлуката, како што соопшти Апелациониот суд, е донесена на јавна расправа одржана на 11 јуни 2025 година, постапувајќи по кривичниот предмет КЗ-481/25.
Во февруари годинава, Апелациониот суд во Скопјe ја отфрли и жалбата на Васил Јованов за претходното кривично дело како неоснована, а ја одобри жалбата на Основното јавно обвинителство во Скопјe и ја преиначи одлуката во врска со кривичната санкција – изречената институционална мерка упатување во поправен дом и осуда на единствена затворска казна од три години и десет месеци, но на 7 мај, Врховниот суд ја поништи одлуката од 3 години и 10 месеци затвор во второстепената постапка и го врати предметот на повторно судење.