Апокалиптични сцени од Пекинг: Поплавите ги отсекоа селата и патиштата, штетата се мери во милијарди долари

Бурата што ја погоди Кина, поточно поширокиот регион на Пекинг, донесе со себе голема економска катастрофа.

Покрај фактот дека според последните податоци, во поплавата загинале 30 лица, властите објавија дека повеќе од 80.000 луѓе се раселени.

Кинескиот претседател Си Џинпинг, исто така, зборуваше за катастрофата, повикувајќи на сеопфатна потрага и спасување на исчезнатите.

„Не треба да се штеди никаков напор за пребарување и спасување на исчезнатите или заробените, за преместување и населување на жителите во погодените области и за намалување на бројот на жртви во најголема можна мера“, рече претседателот.

Според прогнозите, дождот во Пекинг ќе продолжи и денес, а досега е објавено дека 130 села останале без електрична енергија, додека десетици патишта се отсечени.

Само оваа година, Кина беше погодена од серија природни катастрофи кои досега ја чинеа земјата 7,5 милијарди долари.

„Поплавите предизвикаа повеќе од 90 проценти од загубите. Во јануари, Тибет беше погоден од земјотрес во кој загинаа повеќе од 120 луѓе. Околу 23 милиони луѓе беа погодени од природни катастрофи оваа година, а 620.000 беа евакуирани – пред поплавите оваа недела во и околу Пекинг“, пишува Би-Би-Си.