Армијата ги претстави опремата и вештините во Тетово

– На градскиот плоштад во Тетово се одржа Отворен ден на Армијата по повод четвртата годишнина од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата. Можеше да се види различен тип на воена опрема, приказ на вештините и опремата на специјалните сили, како и настап на воениот оркестар.

  -Преку ваквиот тип на активности сакаме Армијата да ја приближиме до граѓаните кај кои ужива голема доверба и тоа ме радува. Сакаме да им покажеме на граѓаните што е она во што инвестираме и како ние ја гарантираме нивната безбедност и стабилност, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска која присуствуваше на настанот со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Петровска посочи дека членството во НАТО е исклучително важна стратешка цел која ја достигнавме и на која, како што истакна сме горди. – Преку овие отворени денови на Армијата граѓаните кои имаат и најголема доверба токму во Армијата можат одблизу да се запознаат со нејзината опрема и армиските припадници, рече министерката Петровска.

Според неа, задоволувачка е големата посетеност и интересот кај тетовчани за овој отворен ден.