Поранешниот италијански репрезентативец, Марио Балотели, го напушти италијанскиот тим од Серија А, Џенова, откако му истече едногодишниот договор. Контроверзниот напаѓач одигра само шест натпревари минатата сезона и сега е слободен агент во потрага по нов клуб.
„Мојот сон беше да играм за Реал Мадрид. Денес само барам клуб кој ќе верува во мене. Сакам да играм уште две или три сезони, а потоа ќе одам кај мојот брат Енок. Тој сега игра за Вадо. Тоа е аматерски тим. Му ветив дека ќе ја завршам кариерата играјќи со него“, рече Балотели во интервју за Газета.
Балотели сега е во потрага по 12-тиот клуб во својата професионална кариера, а досега играл за Интер, Манчестер Сити, Милан, Ливерпул, Ница, Марсеј, Бреша, Монца, Адана Демирспор, Сион и Џенова.
Иако многумина му предвидуваа брилијантна кариера, неговиот талент не ги исполни очекувањата поради недостаток на дисциплина и лекомисленост.
„По сè што поминав, мислам дека можев да се потрудам повеќе. Жал ми е што повеќе не играв за репрезентацијата. Некои луѓе дури и не ме сакаа во репрезентацијата, но тоа сега е минато. Џенаро Гатузо е сега селектор. Му посакувам се најдобро. Тој е личност која дефинитивно ќе даде сè од себе“, рече Балотели еден ден пред неговиот 35-ти роденден.