Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, изјави дека притисокот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз Украина да ѝ предаде територија на Русија претставува „модерно смирување на агресорот“.
Во своето прво интервју откако ја напушти Белата куќа, Бајден за Би-Би-Си изјави дека рускиот претседател Владимир Путин верува дека Украина е дел од Русија и дека „секој што мисли дека ќе застане ако некој дел од територијата ѝ биде отстапен како дел од мировниот договор е едноставно наивен“.
На прашањето дали му обезбедил доволно поддршка на Киев за Украина да ја добие војната, а не само да се спротивстави на руските напади, Бајден рече дека САД ѝ дале на Украина она што ѝ е потребно за да ја зачува својата независност и дека се подготвени да одговорат, поагресивно, ако Путин повторно тргне во офанзива.
Зборувајќи за изјавите од администрацијата на Трамп дека Украина мора да се откаже од дел од територијата за да се постигне мировен договор што би ги прекинал конфликтите, Бајден рече дека ова е „модерно смирување на агресорот“, алудирајќи на политиката на поранешниот британски премиер Невил Чемберлен, кој кон крајот на 1930-те се обиде да ги исполни барањата на Адолф Хитлер за избегнување војна, што на крајот се покажа како неуспешно и катастрофално.
Бајден изрази загриженост дека односите меѓу САД и Европа би можеле да се влошат под претседателството на Трамп, што, како што рече, „би можело да ја промени модерната историја на светот“.
Кога беше прашан дали требало порано да се повлече од претседателската трка за да има повеќе време да се избере кандидат, тој рече дека не мисли оти тоа би имало значење.
„Се повлековме во време кога имавме добар кандидат. Работите се одвиваа брзо, што го отежнуваше повлекувањето. И тоа беше тешка одлука. Мислам дека беше вистинската одлука“, истакна тој.
Поранешниот американски претседател ги осуди повиците на Трамп САД да го преземат Панамскиот канал, да го купат Гренланд и Канада да стане 51-ва федерална држава.
„Што се случува овде? Кој претседател зборува вака? Не сме ние. Ние сме за слобода, демократија, можности, а не за конфискација“, рече Бајден.
Запрашан да коментира за првите 100 дена на Доналд Трамп на функцијата, кои беа обележани со бран извршни наредби и големи намалувања на големината и трошоците на федералната влада, Бајден го пофали сопствениот мандат и се обиде да направи јасна разлика помеѓу состојбата на земјата кога ја напушти функцијата и сега.
„Нашата економија растеше. Се движевме во насока каде што берзата беше во голем пораст. Бевме во ситуација каде што позитивно го проширувавме нашето влијание во светот, зголемувајќи ја трговијата“, рече Бајден, зборувајќи за состојбата на земјата кога ја напушти Белата куќа во јануари, и додаде дека ќе го остави на историјата да ги оценува резултатите на Трамп.