Бектеши: ДУИ може утре да извади 10.000 луѓе на улица

Новата власт уште летово испрати предупредување дека од септември ДУИ ќе почне да ја вжештува домашната политичка сцена и меѓуетничките односи бидејќи не се дел од власта. На крајот на октомври засега нема ништо од тие најави. Од неодамна, ДУИ почна со средби со граѓани, но велат дека и протестите не се исклучени.

„Прво и основно, протестите не се исклучени. Зошто? Затоа што ДУИ одлучи да излезе на терен и да го слушне гласот на граѓаните. Граѓаните нам ни ја дадоа довербата и сега секако дека граѓаните бараат од нас да ги претставуваме имајќи предвид дека е дадена таа доверба“, вели Крешник Бектеши во интервју за „360 степени“, на прашањето зошто не протестираат туку се одлучија за средби со граѓани.

Сепак Бектеши додаде дека имаат капацитет веднаш да направат протести, но дека се доволно одговорни да бидат внимателни.

„10 000 луѓе може ДУИ утре да свика кај сака, во кој град сака. Не е намерата да се направи само протести и наративот да биде само негативен. Па, тие протести после треба да бидат контролирани и тие што ги организираат имаат одговорност. Ние внимателно треба да направиме проценка за да не излезе од контрола и така треба да се однесуваат сите државотворни институции во нашата држава, вклучувајќи ги и политичките партии. Ако одиме на протести, ние мора 100% да се осигураме дека тие нема да бидат насилни бидејќи интересот на ДУИ не е да има насилни протести. Да, изразување на мислење преку протести, тоа е демократски чин и тоа не треба само политичките партии да го прават. Можат организации да го направат, граѓани самостојно да го направат и тоа е добро за едно општество, се со цел да се подобри владеењето“, изјави Бектеши.