Бектеши: Министерството за економија е посветено на осигурување силна и постојана заштита на потрошувачите
– Светскиот ден на потрошувачите, кој го одбележуваме на 15 март, претставува значаен момент во календарот на меѓународните настани. Оваа прилика неодамна стана уште поголема со иницијативата на Обединетите нации, која го потенцира значењето на основните права на потрошувачите, посочи министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот настан по повод одбележување на Светскиот ден на потрошувачите 15 март.
-Во светот каде што економските и трговски активности соодветно се развиваат, правата и заштитата на потрошувачите добиваат длабоко значење. Потрошувачот, без оглед на социјалниот статус и приходите, треба да има сигурност и доверба во квалитетот на производите и услугите што ги користи. Според најновото законодавство во областа на заштитата на потрошувачите, сите граѓани имаат право на задоволување на основните потреби, безбедност при користење на производите и услугите, како и информираност и избор, рече Бектеши.
Нагласи дека Министерството за економија ја има клучната улога во оваа област, со постојана грижа за заштита на потрошувачите.
-Со Програма за заштита на потрошувачите, имаме за цел да гарантираме на граѓаните дека се обезбедени со ефикасни механизми за информирање за заштита на нивните права. Преку доделување на грант средства на годишно ниво до Организации за заштита на потрошувачите во државата, осигуруваме функционирање на советувалиштата. Оваа активност од Програма за заштита на потрошувачите е средство за поддршка на граѓаните, обезбедувајќи бесплатно советување и помош во остварување на нивните потрошувачки права, истакна Бектеши.
Посветени сме, додаде, на осигурување на силна и постојана заштита на потрошувачите.
-Во иднина планираме да ги усовршува механизмите за заштита на правата на потрошувачите во нашето општество преку донесување и усвојување на новите прописи за заштита на правата на потрошувачите согласно европското законодавство што се однесуваат на подобри механизми за заштита на потрошувачите и алтернативно решавање на потрошувачките спорови, посочи Бектеши.
Токму новиот Закон за заштита на потрошувачите, како што кажа, е силно средство за остварување на заштита во сите сфери на потрошувачките односи.
-Овој правен инструмент ги реформира и унапредува стандардите на заштита на потрошувачите, со што не само што гарантира заштита на потрошувачите во потрошувачките односи, туку и креира услови за постигнување на посветеност на потрошувачите кон посилна економија. Со овие промени, Министерството за економија и јас лично го истакнуваме нашиот ангажман за подобрување на животот на граѓаните преку ефикасна заштита на нивните потрошувачки права, истакна Бектеши.
Веруваме, посочи, дека новиот Закон за заштита на потрошувачите ќе биде клучен инструмент во градењето на доверба и стабилност во пазарните односи, со што се креира сигурна и ефикасна околина за сите учесници во економијата.
– Ви гарантирам дека Министерството за економија како институција носител на политиката за заштита на потрошувачите е предана на идејата за справување со предизвиците во областа на заштитата на потрошувачите и создавање на поволни услови за развој на економијата, им порача министерот Бектеши на присутните на одбележувањето на Светскиот ден на потрошувачите.