– Белата куќа соопшти дека би требало да се дозволи пратката на гориво да се достави во Појасот Газа, каде не е дозволен влез за гориво од почетокот на израелските напади на 7 октомври.
Портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност, Џон Кирби, наведе дека горивото е важно за опстанок за Палестинците кои живеат во Газа.
„Горивото е потребно за генераторите и болниците. Системите за десалинизација мора да работат за да ја преработуваат морската во пивка вода. Сето тоа е важно“, рече Кирби.
Тој напомена дека „ја разбира загриженоста на Израел, дека Хамас може да го криумчари испорачаното гориво и да го користи за свои потреби“. Меѓутоа, според Кирби, и покрај загриженоста, потребно е да се постигне баланс по ова прашање и горивото треба да стигне до Палестинците во Газа.
Владата во Газа соопшти дека од 7 октомври нема прилив на гориво и дека е потребно итно снабдување со гориво за одржување на здравствениот систем.
Израелската војска повтори дека нема да дозволи горивото да влезе во Газа и покрај повиците од страна на меѓународната заедница да се снабди со гориво палестинската енклава.
Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), исто така предупреди дека, доколку горивото не биде испорачано во Појасот Газа, ќе бидат принудени да ги прекинат своите активности, што би можело да доведе до смрт на луѓе.
Израел ја бомбардира Газа по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври, ставајќи ја целата енклава под блокада, поради што 2,3 милиони жители се со малку вода, гориво и медицински материјали.
Израелската војска продолжи со своите интензивни напади врз Газа, во кои уништи цели квартови.
Повеќе од 1.400 Израелци загинаа во нападите на Хамас, од 7 октомври досега.
Во израелските напади на Газа убиени се најмалку 5.791 Палестинец, од кои 2.360 се деца и 1.292 жени.