Белата куќа со осуда на Северна Кореја за лансирање на вселенско летало со балистичка ракета

САД го осудија лансирањето од страна на Северна Кореја на вселенско летало со употреба на балистичка ракетна технологија што е „дрско нарушување на повеќе резолуции на Советот за Безбедност на ОН, подига тензии и е ризик за дестабилизација на безбедносната ситуација во регионот и пошироко“.

-Ова вселенско лансирање е со употреба на технологии кои се директно поврзани со интерконтиненталната балистичка ракетна програма на ДНРК.

Претседателот и неговиот тим за национална безбедност ја оценуваат ситуацијата и се во блиска координација со нашите сојузници и партнери, изјави денеска Адриен Ватсон, портпаролка на Националниот совет за безбедност во Белата куќа.

САД ги повикуваат сите земји да го осудат ова лансирање и да ја повикаат ДНРК на маса за сериозни преговори.

-Вратата за дипломатија не е затворена но Пјонгкјанг мора веднаш да запре со своите провокативни акции и да се ангажира.

САД ќе ги преземат сите неопходни мерки да се осигура безбедноста на американската татковина и одбраната на нашите корејски и јапонски сојузници, се вели во соопштението.