– Белата куќа тврди дека Русија ги егзекутирала своите војници што не ги послушале наредбите во Украина и дека командантите се заканувале дека ќе ги убијат војниците што сакале да се повлечат од првата линија на фронтот.
Координаторот за стратегиски комуникации на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека руските трупи во Украина се „необучени и недоволно опремени, неподготвени за војна“, што предизвикува „низок морал и отпор кон извршувањето на наредбите“.
Истакнувајќи дека Русија „праќа слабо обучени војници директно во битка, без соодветна опрема, лидерство, ресурси и поддршка“, Кирби рече: „Со оглед на сите овие услови, не е чудно што моралот на руските сили е низок.“
Тврдејќи дека Русија ги „егзекутирала“ своите војници што не ги послушале наредбите во Украина и дека руските команданти се заканувале дека ќе ги убијат сите војници што сакаат да се повлечат од фронтот во Украина, Кирби изјави дека „егзекуцијата на војници што не сакаат да ги почитуваат наредбите е ситуација за осуда“.
„Заканата од егзекуција на цели единици е варварска“, нагласи Кирби.