Беровските пензионери кои бараат линеарно зголемување на пензиите, се сретнаа со градоначалникот Пекевски

 Пензионерите од Берово денеска продолжија со протестите, повторно барајќи линеарно зголемување на пензиите за 3500 денари. Протестирајќи пред споменикот на паднатите борци од НОВ, каде се одбележуваше Денот на ослободувањето, тие се сретнаа со градоначалникот на Берово Звонко Пекевски и разговараа дали Општината ќе ги прими за да ги слушне нивните барања.

-Нашите барања и од Општина Берово и од дел од независните пензионери што не сме задоволни од нашите пензии е линеарно покачување за 3500 денари на секој пензионер. Повеќе од тоа не бараме, одиме сега за сега за покачување на минималната пензија. Еве гледам дека има одлука од власта да биде 13.300, да оди на тоа и линеарно, а да биде за секој пензионер 3500 денари, рече Сања Буровска, претставник на незадоволната група пензионери од Берово.

Сите претседатели на ниво на државата, како што додаде, се организирани своите барања да ги предочат на повисоко ниво, соопштувајќи го ставот на сите пензионери кои ги поддржуваат.

Градоначалникот на Берово истакна дека моментот кој го избрале пензионерите е погрешен, неоспорувајќи го нивното право на протест. 

– Правото е легитимно, моментот е погрешен бидејќи денес е Ден на ослободувањето. Имавме состанок со тој иницијативен одбор, при што на следната седница тие барања ќе бидат доставени, ќе разговараме кои заклучоци ќе ги донесеме и кои политики ќе ги градиме заеднички во наредниот период, рече Пекевски.

Во Берово има околу 1.700 пензионери со ниски пензии и најголем дел од тие пензионери, како што додаде групата пензионери која протестираше, ги поддржува во нивните барања кои ќе продолжат да ги пласираат се до наоѓање решение за решавање на проблемот со прифаќање на нивните барања