“БОРБИТЕ СЕ ВОДАТ ОД ВРАТА ДО ВРАТА“ – Армијата на Израел ги повика палестинските цивили итно да ја напуштат оваа област на Појасот Газа

Денес, Армијата на Израел (ИДФ) упати „итен апел“ до палестинските цивили да го напуштат поголемиот дел од областа поради жестоките борби што се водат во и околу градот Кан Јунис, на југот од Појасот Газа, пренесува CNN.

Итен апел до жителите на Ал-Катиба, Ал Махат и оние во центарот на Кан Јунис“, посочи портпаролот на ИДФ, Авихај Адраи, за арапските медиуми, а ова го повтори и во објава на социјалните мрежи.

Ве повикуваме веднаш да го напуштите местото каде што се наоѓате и да се упатите кон познатите засолништа западно од Кан Јунис“, вели Авихај Адраи во објавата и посочи пет блока од мапата објавена од ИДФ.

CNN забележува дека не е јасно колку луѓе ќе можат да го видат овој апел, со оглед на недостатокот на комуникациски мрежи и интернет покриеност во поголемиот дел од Појасот Газа, додавајќи дека не е познато на кои засолништа се однесува Авихај Адраи

По прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас минатата недела, потсетува CNN, Израел повторно ја започна својата воена кампања во Појасот Газа, а борбите се водат во Кан Јунис.

ИДФ тврди дека Кан Јунис е „главното упориште“ на Хамас, а во петокот израелската Армија објави дека во вториот по големина град на Појасот Газа борбите се водат „од врата до врата“.