Брнабиќ: На иницијатива на Вучиќ секоја година го зголемуваме буџетот за лекување на децата во странство

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, вечерва изјави дека здравствениот систем на Србија е исклучително социјално ориентиран, а кога станува збор за лекување на децата во странство, вели дека е направен чекор напред во 2014 година, кога секоја година се зголемува буџетот за таа намена.

Брнабиќ на ТВ Пинк изјави и дека не е случај само во Србија да се праќаат СМС пораки за лекување на деца и дека не постои земја во светот која ги третира сите пациенти со иновативни терапии.

Коментирајќи го тоа што претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека државата дополнително ќе помогне во лекувањето на тешко болните деца, Брнабиќ на ТВ Пинк рече дека е важно да се разбере дека не постои земја која плаќа за сите такви терапии и за сите ретки болести.

Таа изјави дека дури во 2014 година на иницијатива на тогашниот премиер Александар Вучиќ е создаден републички фонд за лекување на деца во странство, деца со ретки болести, како и деца кои не боледуваат од ретки болести, но за кои кај нас нема соодветна терапија.

– Се создаде комисија и сите деца одат на лекување во странство или носиме лекари од странство да ги лекуваат тие деца во Србија. Тој пробив беше направен дури во 2014 година и оттогаш на иницијатива на Вучиќ секоја година се зголемуваше буџетот и сега стигнавме до крајно импресивни бројки – рече таа.