Бројот на Палестинци загинати во израелските напади достигна 37.300, во изминатите 24 часа загинаа 34
– Најмалку 37.266 Палестинци се загинати во израелската офанзива врз Појасот Газа од октомври минатата година, соопшти денес Министерството за здравство во опколената енклава.
Министерството додаде дека 85.102 Палестинци се повредени во нападите.
„Во израелските напади во последните 24 часа загинаа 34 лица, а 71 се повредени“, се наведува во соопштението.
„Многу тела сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, нагласи Министерството.
Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Осум месеци од почетокот на израелската војна, огромен дел од Газа е во урнатини, a владее и блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата операција во јужниот град Рафа, каде над милион Палестинци побараа засолниште од војната пред започнувањето на израелската копнена офанзива врз градот на 6 мај.