Бујар Османи од Вилнус: “Членството во НАТО и ЕУ ја гарантира регионалната и европската безбедност“

Првиот човек на дипломатијата Бујар Османи, учествуваше на Состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата, што се одржа во рамки на НАТО Самитот во Вилнус.

Како што соопшти МНР, состанокот се одржа во светло на постигнатиот политички договор со кој Шведска се приклучува кон трансатлантското семејство, продолжувајќи го патот до полноправно членство како 32 земја членка на НАТО. Ваквиот чекор, се наведува, ќе придонесе за понатамошното зајакнување на НАТО и гарантирањето долгорочна безбедност и стабилност на Евро-атлантскиот регион.

Воедно, беше нагласено значењето на политиката на отворени врати на НАТО, при што Бујар Османи истакна дека истата мора да продолжи од Западниот Балкан, со што ќе се заокружи евроатлантската ориентација на Балканот, па сѐ до Украина, која во моментов ја поднесува најголемата жртва во одбраната на принципите на НАТО.

На состанокот, на кој учествуваа високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, како и министрите за надворешни работи на земјите партнери изложени на ризик – Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, беше нагласено дека најсилна гаранција за регионалната и европската стабилност претставува членството во НАТО и Европската унија.

Силната поврзаност и соработката меѓу НАТО и ЕУ е особено значајна за стабилноста на нашиот регион, но и на целокупниот европски континент. Заеднички и посветено треба да работиме на забрзување на европските и евро-атлантските интегративни процеси на земјите од Западен Балкан како значајна алатка за зајакнување на регионалната безбедност, особено во актуелниот геополитичкиот контекст“, нагласи Бујар Османи.

Воедно, министрите ја потврдија подготвеноста за натамошна поддршка и соработка на НАТО со земјите партнери изложени на ризик, со цел зајакнување на нивната отпорност, на линија на одлуките усвоени на минатогодишниот Самит во Мадрид. Министерот Бујар Османи, се додава, ја реафирмираше нашата цврста политичка поддршка за нивната независност, суверенитет и територијален интегритет, како и спремност за практична помош.

Сојузниците уште еднаш ја нагласија осудата на руската воена агресија, како и силната обединетост и единство во однос на поддршката за Украина, нагласувајќи ги заложбите за зголемување на долгорочната практична помош и поддршка на земјата, што ќе овозможи идна целосна интероперабилност со државите членки на НАТО, стои во соопштението на МНР.