Вагнер: Германија нема да дозволи „сиви зони“ во Европа, Македонија има обврска да го почитува Преспанскиот договор
Македонија има обврска да го почитува Преспанскиот договор, порачуваат од германското Министерство за надворешни работи, откако на инаугурацијата, новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова не го изговори уставното име на државата со придавката „Северна“, јави Дојче веле.
Владата во Берлин, како што пренесува Дојче веле, сака да ја продолжи соработката со новата влада во Скопје, и смета дека е важно земјата да го продолжи патот кон ЕУ и да ги спроведе неопходните реформи на тој пат.
– Северна Македонија може да се потпре на Германија на тој пат. Што се однесува до користењето на името, постои меѓународен договор, Преспанскиот договор со Грција, на кој Северна Македонија е обврзана, изјави портпаролот на германското МНР, Кристијан Вагнер.
На новинарско прашање, што ќе се случи доколку и новата влада во Скопје не го почитува Преспанскиот договор, Вагнер одби да шпекулира, но рече дека неговата влада останува на ставот дека Западниот Балкан припаѓа кон ЕУ.
– Германската влада е многу активна во тој дел и нема да дозволиме сиви зони во Европа. Кога би дозволиле такви сиви зони, тие би биле искористени од други земји. И затоа остануваме на нашата политика кон Западен Балкан, рече Вагнер, додавајќи дека треба да се почека затоа што новата влада во Скопје се уште се договара.
Гордана Сиљановска-Давкова предизвика бројни реакции, откако на инаугурацијата како нова претседателка на државата во Собранието не го изговори уставното име.
Претседателката Сиљановска Давкова беше инаугурирана вчера во македонското Собрание, каде даде свечена изјава пред Собранието по што започна да тече нејзиниот петгодишен мандат како шеф на државата. Како шести претседател од осамостојувањето на државата и прва жена избрана на оваа позиција, Сиљановска Давкова го наследи Стево Пендаровски на претседателската функција, откако го победи на изборите одржани на 8 мај.