Вејн Руни не се откажува од тренерската кариера откако доби брутален отказ во Бирмингем

Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец Вејн Руни нема да се откаже од тренерската кариера, по отказот во Бирмингем, објавија британските медиуми.

Раководството на англискиот второлигаш во вторникот го отпушти Вејн Руни по само 83 дена и 15 натпревари поради лоши резултати. Вејн Руни сега ќе направи подолга пауза од фудбалот за да направи „математика“ и да размисли што понатаму.

Тој во изјавата навел дека ќе му треба малку време да го преболи овој неуспех, а како што пренесува Sky News, Вејн Руни е разочаран поради начинот на кој добил отказ, а го повредиле и навредите на некои навивачи.

На 1. јануари Бирмингем загуби на „Еланд Роуд“ од Лидс со 0:3, а потоа Вејн Руни беше исвиркан и од гостинските и од домашните навивачи.

И покрај ова, Вејн Руни има големи амбиции да стане врвен менаџер и тоа не е нарушено со отказот. Сепак, тој засега нема да размислува за никакви понуди за работа.

Раководството на Бирмингем допрва треба да се договори со Вејн Руни за отштета за отказот. Разговорите за тоа не се направени.

Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед го презеде Бирмингем во октомври кога потпиша договор на три и пол години.

Тимот тогаш беше шести на табелата во Чемпионшип, а сега е 20-ти со 28 бодови и е на шест бода од зоната за испаѓање.