ВИДЕО | “ТОА Е БЕЗОБРАЗНО!“ – Бенјамин Нетанјаху реагираше на изрекувањето на пресудата од Меѓународниот суд на правдата: “Ова нема да биде заборавено“
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, по пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП) изјави дека Израел ќе ја продолжи војната до апсолутна победа, додека не се вратат сите заложници и додека Појасот Газа повеќе не е закана за Израел.
Бенјамин Нетанјаху истакна дека Израел има право да се брани и дека пресудата на МСП е „безобразна“.
Тој изјави дека подготвеноста на Меѓународниот суд на правдата да ги разгледа тврдењата за геноцид е срам што нема да биде заборавен од идните генерации, пренесува медиумската агенција Reuters.
Да потсетиме, Меѓународниот суд на правдата денеска објави дека нема да го отфрли случајот во кој Јужноафриканската Република го обвини Израел за геноцид врз палестинското население во Појасот Газа.
Судијката Џоан Донаху денеска, на сослушувањето за обвинението од Јужноафриканската Република против Израел за геноцид врз Палестинците во Појасот Газа, соопшти дека Меѓународниот суд на правдата одлучил дека Израел мора да ги преземе сите мерки во рамките на своите овластувања за да ги спречи сите дејствија според Конвенцијата на ОН.