ВИКТОР ОРБАН ПРОДОЛЖУВА ДА ЈА “КОЧИ“ УКРАИНА – Испрати писмо до Брисел кое ЕУ одби да го коментира

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, побара денес на самитот на лидерите на Европската унија следната недела да не се носат одлуки за отворање на преговорите за членство на Украина додека таа земја е во војна.

Виктор Орбан, кој продолжи да ги одржува односите со Москва дури и кога ЕУ воведе серија санкции кон Русија поради војната во Украина, со недели вели дека Украина не е подготвена да ги започне пристапните преговори.

Неговиот став е во спротивност со оној на Европската комисија, извршното тело на Европската унија, кое минатата недела им препорача на лидерите на ЕУ да дадат зелено светло на Украина за почеток на преговорите штом земјата ќе исполни одредени услови. Одлуката како таква бара единствена поддршка од европските лидери.

Виктор Орбан го претстави своето барање во писмото што го испрати денеска до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Тој, исто така, вели дека самитот не треба да одлучува за буџетскиот план кој вклучува 50 милијарди евра економска помош за Киев.

Со почит апелирам да не го поканите Европскиот совет да одлучува за оваа тема во декември бидејќи очигледниот недостаток на консензус неминовно би довел до неуспех“, пишува Виктор Орбан.

Европскиот совет мора да избегне контрапродуктивно сценарио заради единството, нашата најважна вредност“, додава тој во писмото.

Преговорите за членство во ЕУ би биле голем поттик за Украина, поранешна советска република која речиси две години се бори против руската воена инвазија.

Портпаролот на Шарл Мишел одби да го коментира писмото од Виктор Орбан.

Сепак, земјите-членки јасно ставија до знаење дека сакаат да разговараат за членството на Украина и предлог-буџетот на самитот што ќе се одржи во Брисел на 14. и 15. декември.