Високата претставничка на ЕУ, Калас, изјави дека иднината на Албанија е во ЕУ

 – Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека иднината на Албанија е во ЕУ.

Калас, во рамките на својата посета на главниот град на Албанија, Тирана, одржа заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама.

Оценувајќи ја како „реална“ целта на Албанија за интеграција во ЕУ до 2030 година, Калас рече:

„Иднината на Албанија е во Европската Унија“.

Калас потенцираше дека Албанија е силен партнер на ЕУ и како членка на НАТО е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата. Таа додаде дека Албанија има амбициозна агенда за завршување на преговорите со ЕУ во следните две години.

Осврнувајќи се и на односите меѓу Косово и Србија, Калас изјави: „Не може да има напредок во однос на овие две земји додека нивните односи не се нормализираат целосно“.

Калас изрази задоволство од одлуката на Албанија за спроведување санкции против Русија, додавајќи: „Хуманитарната и политичката поддршка што ѝ ја давате на Украина јасно ја покажува вашата посветеност кон вредностите на ЕУ. Разбирам дека ова не секогаш е лесно од политички аспект. Исто така, вашата улога во регионалната соработка е вредна и корисна, особено во поддршката за создавање безбедна средина во Босна и Херцеговина“.

– „Албанија е 100 % усогласена со надворешната политика на ЕУ“

Премиерот Рама, изјави дека меѓу неговата земја и ЕУ нема отворени прашања или проблеми и додаде: „Имаме целосна усогласеност во сите области, а најдобриот пример за ова е надворешната политика на Албанија, која е 100 % усогласена со надворешната политика на ЕУ“.

Рама посочи и дека за време на средбата разговарале за процесот на членство на Албанија во ЕУ и дека бил дискутиран „многу амбициозен календар“ за завршување на преговорите до 2027 година.

Тој додаде дека теми на разговор биле и регионални прашања и проблеми што се однесуваат на регионот, напоменувајќи дека целиот регион е во период кога му се потребни единство и стабилност.

– Ќе ја посети и Босна и Херцеговина

Калас, во рамките на посетата на Албанија, се сретна и со претседателот Бајрам Бегај.

По вчерашната посета на Црна Гора и денешната посетата на Албанија, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Калас ќе отпатува во Босна и Херцеговина.