Висока делегација на Европската унија и САД во сабота ќе ги посети Србија и Косово: “Целта е да се постигне конкретен напредок“
Висока делегација на Европската унија, САД, Германија, Франција и Италија во сабота ќе ги посети Србија и Косово и ќе разговара со локалните лидери за спроведувањето на договорот на патот кон нормализирање на односите меѓу двете страни, соопшти портпаролот на ЕК за надворешна политика во вторник, Петер Стано.
Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и советниците за надворешна политика и безбедност на францускиот претседател, германскиот канцелар и италјанската премиерка ќе го посетат Косово и Србија во сабота и ќе разговараат со премиерот Албин Курти и претседателот Александар Вучиќ.
„Целта на посетата е да се постигне конкретен напредок во имплементацијата на договорот на патот кон нормализација и деескалација по последните случувања“, порача Петер Стано.
По средбата во Брисел на 27. февруари годинава, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел соопшти дека двете страни се договориле за патот кон нормализација на односите, а на 18. март кај нас во Охрид беше договорен и постигнат анексот поврзан со спроведувањето на тој договор.
Но, ниту еден од тие два документи не беше потпишан, а српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема намера да спроведе некои делови од тие договори, како што е одредбата дека нема да го блокира членството на Косово во меѓународните организации.
Премиерот на Косово се двоуми дали да формира заедница на општини со српско мнозинство на северот на Косово, што е обврска што косовската страна ја презеде уште во 2013 година.
„Имаме јасни очекувања дека двете страни ќе продолжат со процесот на нормализирање на односите и ќе ги исполнуваат своите обврски без одлагање и без услови“, посочува Петер Стано.
Тој додава дека ЕУ и нејзините земји-членки и САД остануваат силни застапници за нормализација на односите и европската иднина на целиот регион.