Владата ја разгледува можноста за линеарно зголемување на пензиите за две илјади денари

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се прават анализи за линеарно зголемување на пензиите, за 1.000 денари оваа есен и уште 1.000 напролет.

„Сериозно сме ангажирани во оваа анализа, правиме проценки за тоа колкаво би било процентното зголемување, колкав би бил обемот на паричната маса, го делиме со бројот на пензионери. Анализата ја правиме со цел пензиите линеарно да се зголемат за 1.000 денари овој октомври, кога ќе ја добијат пензијата, а во април за месец март, односно линеарно зголемување од 2.000 денари за сите пензионери во следните шест месеци.“

„Многу сериозно ја сфаќаме оваа анализа и многу брзо, бидејќи ова мора да се случи пред распишувањето на изборите, без разлика дали преку закон со скратена постапка или преку група пратеници, ќе ја презентираме“, рече Мицкоски на Канал 5.

Премиерот Мицкоски нагласи дека каде и да оди и разговара со пензионерите, тие бараат линеарни зголемувања и поради оваа причина Владата е многу блиску до донесување на таква одлука. Потсетуваме дека во рок од една година, пензиите беа линеарно зголемени за 5.000 денари, односно двапати по 2.500 денари.