Од Владата попладнево информираа дека на состанокот со претставниците на Синдикатот на УПОЗ е реафирмиран ставот дека низ инклузивен и транспарентен дијалог може да се решат прашањата поврзани со вработените во судската и јавнообвинителската служба.
„Со оглед на тоа што двете страни се блиску до изнаоѓање на взаемно прифатливо решение, кое ќе значи унапредување на социјалниот дијалог, од страна на претставниците на Владата беше отворено прашањето за ставање во мирување на штрајкот на вработените во судската и јавно-обвинителската служба, што дополнително би ја поттикнала атмосферата на взаемна соработка и разбирање“, се наведува во соопштението од владината прес-служба испратено по средбата.
Ова е втора средба меѓу Владата и Синдикатот на УПОЗ.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски по средбата во Владата изјави дека разговорите ќе продолжат уште еднаш или двапати. Од Синдикатот на УПОЗ се надеваат дека ќе се најде некоја, како што велат, златна средина, за нивните барања.