Политичката партија ВЛЕН со соопштение реагираше на изјавите и критиките од ДУИ, обвинувајќи ја оваа партија дека е одговорна за „неправдите“ кои денес, според нив, самата ги посочува.
Од ВЛЕН потсетуваат дека законот за попис бил подготвен и изгласан токму од министрите и пратениците на ДУИ, при што, како што наведуваат, биле внесени решенија што „ги исклучиле дел од Албанците во дијаспората“.
„Резултатот не е статистичка грешка, туку свесно намалување на бројот на Албанците“, стои во соопштението на ВЛЕН. Според партијата, тоа претставува „историска неправда“ што ќе остане запаметена како „една од најголемите штети нанесени на албанската кауза“.
Од таму додаваат дека во 2021 година, кога се одржал пописот, ВЛЕН како партија не постоела, поради што, како што велат, не можат да бидат одговорни за тогашните процеси.
Партијата ја критикува и политиката на вработувања во јавниот сектор, посочувајќи дека со години голем број граѓани биле оставени со договори без целосно регулиран статус.
„Нема амнестија за политичка вина. ВЛЕН ќе биде гласот што ќе ги штити правата на секое албанско семејство, на секој Албанец во дијаспората и на секое повредено право“, стои во реакцијата.
Од ВЛЕН порачуваат дека „времето на неправди и манипулации завршува“ и дека нивниот фокус ќе биде „заштита на граѓаните и фер застапеност“.