– Пронајдено е телото на 29 -годишното момче кое исчезна во водите на вештачкото езеро Глажња во општина Липково.
– После петдневна потрага храбрите нуркачи од армиските специјалци „Волци“ и полициските специјалци „Тигри“ го пронајдоа телото на 29-годишното момче кое пред шест дена исчезна во водите на вештачкото езеро Глажња, изјави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Потрагата траеше неколку дена и во неа беа вклучени специјални нуркачки тимови на „Тигрите“, а потоа и на армиските „Волци.“ Во пребарувањето беа вклучени и нуркачки и уште еден тим на Дирекцијата за заштита и спасување кои со чамец го пребаруваа езерскиот брег. Изминативе денови беа вклучени и доброволни друштва и екипи кои со воден дрон го пребаруваа вештачкото езеро.
Длабочината на езерото, кое на некои места достигнува и до 40 метри, и заматеноста на водата го отежнуваа пребарувањето. Извесен период и АД Водостопанство „Кумановско- липковско поле“ го стопираа темелниот испуст за да им се помогне на екипите во пребарувањето и да не се создаваат струи во езерото.
Младиот жител на липковското село Никуштак исчезна во водите не езерото на 30 јули годинава, во попладневните часови.