Во Македонија започна сезонската вакцинација против грип, досега се регистрирани 43.000 граѓани

Министерството за здравство информира дека денес започна вакцинацијата против сезонски грип, која се спроведува на вкупно 35 пунктови за вакцинација низ целата земја, од кои пет се во Скопско.

Досега, 43.000 граѓани се регистрирале преку апликацијата vakcinacija.mk, додека можноста за регистрација останува отворена.
„Интересот на граѓаните кои досега се регистрирале за сезонска вакцина против грип е голем. Задоволен сум од покажаниот интерес и сакам да ве потсетам дека можноста за регистрација е сè уште отворена – преку апликацијата vakcinacija.mk или преку нивниот матичен лекар. Оваа година, Министерството обезбеди најголем број вакцини против сезонски грип во историјата – 80.000 дози од квадривалентната вакцина од познатиот производител „Абот“ од Холандија.

„Вакцинацијата е најдобрата превентивна мерка за заштита на здравјето и очекувам бројот на граѓани регистрирани за вакцинација да продолжи да се зголемува во наредните денови“, рече министерот Алиу.

Бесплатната вакцинација ги опфаќа ранливите категории на населението: лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца од 6 месеци до 5 години, како и лица кои престојуваат во установи за социјална грижа за стари лица и вработени во овие установи.