Во Црна Гора уапсен поранешниот прв човек на полицијата и човек од голема доверба на Мило Ѓукановиќ – познати причините
Поранешниот директор на црногорската полиција, Веселин Вељовиќ, е уапсен во понеделникот во акција на Специјалното полициско одделение за борба против организиран криминал и корупција.
Според медиумите во Црна Гора, човек од доверба на поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ, Веселин Вељовиќ е уапсен во соработка со Европол, а обвинет е за кривично дело – „создавање злосторничка организација, злоупотреба на службената положба“.
Црногорските медиуми наведуваат дека апсењето на долгогодишниот прв човек на црногорската полиција е поврзано со шверц на цигари.
Портпаролот на Специјалното полициско одделение за борба против организиран криминал и корупција во Црна Гора, Вукас Радоњиќ, изјавил дека полицијата во соработка со Европол пребарала станови и други простории на повеќе лица во Подгорица, Никшиќ, Жабљак и Мојковац, поради основано кривично дело за создавање злосторничка организација и злоупотреба на службената положба.
Медиумите јавуваат дека во оваа полициска акција освен Веселин Вељовиќ има и други уапсени.
Веселин Вељовиќ беше на чело на Црногорската полициска управа во два наврати – од 2007 до 2011 година, а потоа од 2018 до крајот на 2020 година.
Веселин Вељовиќ важи за „доверлив човек“ на поранешниот претседател на Црна Гора, па ја извршуваше и функцијата советник за безбедност на поранешните претседатели на Црна Гора, Филип Вујановиќ и Мило Ѓукановиќ.
Додека бил прв човек на безбедносниот сектор, Веселин Вељовиќ бил обвинет од опозицијата, невладините организации и медиумите за злоупотреба на полицијата и власта и несомнена политичка лојалност кон Мило Ѓукановиќ.