“Во интерес на Русија е да предизвика конфликти во нашиот регион и напорно работи на тоа. Секое консолидирање, смирување и јасно приврзаност кон евроатлантските институции се против руските интереси. Ако Србија направи пресврт и го прифати француско-германскиот план за Косово, ќе следи брутален руски притисок и казна, бидејќи тоа ќе биде увертира за оддалечување на Србија од Русија”, вели Јелица Миниќ, претседателка на Европското движење на Србија, за реакцијата што ќе следи од Москва кон Србија и Александар Вучиќ.
Независниот руски политиколог Наталија Ишченко за ТВ станицата “Настојашчеје време”, која емитува од Прага, изјави дека доколку Вучиќ го прифати западниот план, Русија сигурно ќе ја промени својата политика кон Србија.
Наталија Ишченко е убедена дека во тој случај Русија дигурно ќе се меша во внатрешните работи на Србија и со помош на својата мрежа во Србија ќе се обиде да ја размрда тамошната политичка сцена.
– Ако Русија успее да ги лансира радикалните сили што ги има под своја контрола, Србија ја чекаат тешки времиња и таа ќе западне во нестабилност што ќе оди рака под рака со Москва – смета Наталија Ишченко.
Руските медиуми посветуваат големо внимание и на можната отстапка на Вучиќ на уцените на колективниот Запад, како што пишува прорежимскиот високотиражен Московски Комсомол.
“Србија минува низ најтешките моменти во својата историја, но Србија и покрај големиот притисок од Западот, не воведува санкции кон Русија и одржува контакти со Москва”, пишува МК.
Рускиот политиколог Полина Соколова за истиот весник изјави дека мнозинството од населението во Србија е проруско и само мал дел е на страната на Западот. Според неа, Вучиќ е свесен за тој факт и ќе го земе предвид при одлучувањето за прифаќање на германско-францускиот план за Косово. Таа смета дека заканата на Вучиќ за оставка во овој момент не е реална и дека тој ќе го стори тоа дури кога ќе донесе одлука за Косово и дека неговиот наследник ќе продолжи да ја спроведува неговата политичка линија.
Дополнително, Соколова смета дека Вучиќ е “најпрозападниот политичар што Србите можат да го изберат на изборите”.
– Од него тешко можеме да очекуваме поголем прозападен политичар – убедена е Соколова.
Сепак, Русите сакаат Вучиќ појасно да се изјасни, а не постојано, како што велат, да се двоуми меѓу Русија и Западот.
Порталот ,”Балканист” наведува дека Вучиќ е соочен со дилемата – или европска перспектива или братство со Русија и дека Вучиќ мора добро да размисли пред да “пресече”.
Прорежимскиот балканолог Наталија Гускова е убедена дека Вучиќ не е подготвен да го прифати понудениот западен план. Но, со тоа таа повеќе му испраќа порака на Вучиќ отколку што е сигурна дека нема да попушти.
Од друга страна, Соколова веќе не е толку сигурна во лојалноста на Вучиќ, бидејќи вели дека тој очајнички се противи на воведувањето санкции против Русија, но прашање е уште колку ќе може да издржи.
Таа смета дека Вучиќ е свесен за ситуацијата, но нагласува дека во последно време се колеба, но дека поради поддршката на јавноста за сојуз со Русија, тој разбира дека со спроведување на германско-францускиот план, би морал да го поддржи Косово, а тоа би имало последици.
Јелица Миниќ наведува дека Вучиќ е во ситуација кога е се потешко да се балансира меѓу притисокот од Запад и од Русија.
Јелица Миниќ особено се плаши од руските ултрадесничарски групи, како “Вагнер” или “Ноќните волци”, кои отворено и нескриено дејствуваат во Србија.
– Посебно застрашува руското империјалистичко движење, чија терористичка мрежа е разбиена низ цела Европа и е обучена за брутални, смртоносни дејствија. Меѓу 150.000 руски емигранти кои денес живеат во Србија и чиј број ќе се зголемува како што ќе напредува војната во Украина, доминира антивоеното и против Путин, младото образовано население, кое почнува да се организира и јавно да дејствува во согласност со нивните ставови. Затоа се изложени на потенцијалниот терор на најмрачните руски структури, како и на граѓаните и групите во Србија кои ги поддржуваат – предупредува Јелица Миниќ.
Прорежимските руски медиуми се надеваат дека Вучиќ нема да попушти, иако му се закануваат економски санкции, откажување инвестиции и блокирање на пристапните преговори за членство во ЕУ.
Сепак, руските медиуми сè уште забележуваат дека Вучиќ не ги признал ниту Крим, ниту неодамна анектираните Донбас и Херсон за руски територии, иако, како што велат, “српските политичари често престојувале таму”, а во Белград може да се видат мурали со текст “Крим е Русија, Косово е Србија”, за што често се повикуваат руските медиуми.
Конечно, интересно е што по последните преговори, за првпат (барем не јавно) немаше средба со рускиот амбасадор Александар Боцан Харченко, кому српските функционери секогаш известуваа за водените дискусии. Тоа може да биде многу индикативно.
Да потсетиме, рускиот амбасадор побара од српските власти Србија повеќе да не учествува на меѓународни собири каде што нема руски претставник.
Гускова, инаку многу блиска до Кремљ, истакнува дека Русија ќе ја поддржи Србија доколку и се воведат санкции, но само доколку Србија не воведе санкции кон Русија.
Со други зборови, Гускова испраќа порака дека Москва ќе застане на страна на Србија само доколку продолжи да биде “нејзин братски сојузник”, како што се насловува Србија во српските медиуми.
Во секој случај, Москва ја следи ситуацијата и чека да одлучи Вучиќ, а свесен е дека Русија може да му ја искомплицира ситуацијата бидејќи ја вмрежија Србија со своите разузнавачки и паравоени сили, а познато е дека новиот шеф од разузнавачката заедница се сметаат и за проруски односно, Александар Вулин и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ, како и многу високи функционери на владејачката СНС.