Вучиќ: Тајван е Кина и секогаш ќе ја има поддршката од Србија

 Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за „China Media Group“ во Белград изјави дека Тајван е територија на Кина и дека Кина секогаш ќе ја има поддршката од Србија, без разлика што прави на тој план, јави дописникот на МИА од Белград.

– Од вас зависи што, кога, како ќе го направите тоа. Точка. За нас тоа е Кина, тоа е политика на Србија, и тоа ќе биде наша политика во иднина. Тоа е ваша територија, ваш народ, а вие сте суверена нација, вие сами носите одлуки. И секогаш ќе ја имате поддршката од српскиот народ. Тоа е тоа, нагласи Вучиќ и додаде дека никогаш нема да го промени ставот за Кина.

Вучиќ ја демантираше таканаречената „теорија на кинеската должничка замка“ и се заблагодари на Кина што го поддржува развојот на Србија преку иницијативата „Појас и пат“.

Во однос на договорот за слободна трговија меѓу Кина и Србија, кој беше потпишан во октомври минатата година, претседателот на Србија рече дека е убеден дека овој документ ќе донесе безброј нови можности за Србија и дека ќе биде подеднакво корисен за Кина, но и од поголемо значење за Србија.

– Договорот ќе отвори огромен пазар за земјоделски производи, како што е квалитетното српско вино. Во исто време, ќе можеме да увезуваме кинески производи по пониски цени. Се повеќе кинески компании и обични луѓе ќе доаѓаат кај нас за соработка помеѓу компании и размена на кадри, отворајќи нови врати за развој на Србија, рече Вучиќ.

На новинарско прашање дали може да каже нешто повеќе за иницијативата на Си Џинпинг што тој ја поддржа, а која се однесува на иницијативата за глобален развој, иницијативата за глобална безбедност и иницијативата за глобална цивилизација, Вучиќ одговори дека за тоа разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тогаш, како што додаде, и двајцата констатирале дека 15 години слушаат „глупави приказни од Брисел за влошување на ситуацијата во Кина“ и сето тоа време таа има постојан раст од пет до шест проценти, и констатирале дека тоа влошување никогаш нема да се случи.

Од друга страна, како што додаде претседателот Вучиќ, истакнаа дека растот во Европа е меѓу нула и еден процент и потоа се чудеа како воопшто можат да се измерат со Кина.

– И затоа се држам до моите кинески пријатели, бидејќи верувам дека знаат што прават, прават подобри планови, прават подобри програми и имаат нешто што на сите ни недостасува. Вашите луѓе се поупорни, имаат тигарско око кое ние Европејците веќе го немаме. И се обидувам да земам дел од таа енергија, дел од тој ентузијазам, дел од таа амбиција да ја донесам во мојата земја, рече Вучиќ.