Претседателката на Косово, Вјоса Османи, вели дека оставките на тројцата припадници на косовската полиција од српска националност се директна последица на постојаните закани и заплашувања од страна на Србија.
Вјоса Османи преку својот профил на социјалната мрежа Твитер, порача дека притисоците врз припадниците на српската заедница во Косово се доказ дека Белград продолжува да се служи со тактиките на поранешниот српски водач Слободан Милошевиќ, кој во 2006 година почина во притворот на меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија во Хаг, додека траеше судскиот процес против него.
„Оставката на полицајците припадници на српската заедница е директна последица на постојаните закани и заплашувања од страна на Србија – потврда дека нејзините политики продолжуваат да ги отсликуваат тактиките на Слободан Милошевиќ. Ние ќе продолжиме да обезбедуваме сеопфатност во сите институции и едно Косово кое е побезбедно за сите“, напиша Вјоса Османи.
Загриженост поради оставките на тројцата неодамна примени полицајци од српска националнот во косовската полиција, меѓу другите, изразија и шефот на мисијата за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, Ѓовани Пјетро Барбано, како и амбасадорите на САД и Германија, Џефри Ховениер и Јорн Рохде, кои порачаа дека во една мултиетничка држава и полицијата треба да биде мултиетничка.
По колективните оставки на припадниците на косовската полиција од српска националност во неомври минатата година, неколкумина Срби во последно време доброволно се пријавија во полицијата, меѓутоа, според медиумите во Приштина, тие се постојано под притисок на „насаилните експоненти“ од косовскиот север, за кои се вели дека се под контрола на Белград.