Германија жестоко реагираше на најавите на израелската Влада: “Тоа не е ниту разумно, ниту корисно!“
Во средата, Министерството за надворешни работи на Германија остро ги критикуваше изјавите на израелската Влада за можното преселување на Палестинците од Појасот Газа, велејќи дека – „тие не се ни разумни, ниту корисни“.
„Силно ги отфрламе изјавите на двајцата министри. Тие не се ниту разумни, ниту корисни“, истакна владиниот портпарол, алудирајќи на изјавите на министрите на крајната десница Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич во последните денови.
Министерот за национална безбедност и министерот за финансии се залагаат за израелско повторно населување на Појасот Газа по војната со Хамас.
Во понеделникот Итамар Бен-Гвир кажа дека војната е можност да се промовира „преселувањето на жителите на Појасот Газа“, еден ден откако Безалел Смотрич кажа дека ако Израел ја направи вистинската работа, ќе има „егзодус на Палестинците“ и „ќе живееме во Појасот Газа“.
Портпаролот на германското министерство изјави дека не смее да се случи протерување на Палестинците од Појасот Газа, како и територијално намалување на енклавата.
„Решението за две држави останува единствениот остварлив модел за мирен соживот на Израелците и Палестинците“, вели портпаролот.
„Ние сме посветени на тоа и работиме на тоа долгорочно“, додаде тој.