– Германските воздушни и железнички услуги денес беа прекинати поради истовремени штрајкови на машиновозачите, аеродромските работници и вработените во копнениот сервис.
Меѓународниот аеродром во Франкфурт, најпрометно место во земјата, беше целосно затворен за патниците што заминуваа, при што персоналот за безбедност си замина поради тековниот спор околу платите и работните услови.
Германскиот авиопревозник „Луфтханза“, исто така, денес откажа стотици летови поради штрајк на својот персонал на копно на главните аеродроми во земјата, вклучително и аеродромите во Берлин, Хамбург и Минхен.
„Луфтханза“ соопшти дека мора да откаже околу 80 отсто од летовите закажани за четврток и петок поради дводневниот штрајк и ги советуваше патниците да го проверат статусот на својот лет онлајн пред да се упатат кон аеродромот.
Многу патници денес немаа можност да изберат алтернативни начини за патување бидејќи железничките услуги, исто така, беа прекинати поради 35-часовниот штрајк на машиновозачите.
„Луфтханза“ предупреди дека нејзините регионални и приградски железнички услуги, исто така, ќе бидат масовно погодени.
Штрајкот на машиновозачите на патничките возови започна во 2 часот по локално време (0100 GMT) и треба да трае до 13 часот (1200 GMT) во петок, според синдикатот ГДЛ.
Националниот железнички оператор „Дојче Бан“ соопшти дека иницирал план за итни случаи, но речиси 80 отсто од возовите на долги релации морале да бидат откажани.
Синдикатот ГДЛ и „Дојче Бан“ со месеци преговараат за постигнување нов колективен договор.